• Мартин Танасковски

Екипата на ПСВ Ајндховен покажа дека нема да игра епизодна улога во холандскиот фудбал оваа сезона и со победа над големиот ривал Ајакс (3-5) го освои првиот трофеј сезонава, тоа е во Суперкупот „Јохан Кројф“. Не можеше подобро да почне тренерската кариера на Руд ван Нистелрој, кој го наследи Роџер Шмит на клупата на клубот од Ајндховен.
- Извештај од натпреварот:
„Копјаниците“ добија фудбалска лекција од ривалот од Ајндховен на која кумуваа двајца фудбалери. Гус Тил и Коди Гакпо имаа свое шоу за ПСВ Ајндховен и на екипата ѝ го донесоа рекордниот 13-ти Суперкуп во историјата.
Тил постигна хет-трик во мрежата на Ајакс, додека Гакпо даде еден гол и асистираше уште за два. На полувремето резултатот беше 1-2 за ПСВ, прв поведе Ајакс преку Бергвајн, но Тил беше незапирлив. Иако Ентони изедначи на 2-2 на стартот на второто полувреме, следеа два гола на Гакпо и Тил за 2-4, а поразот го ублажи Кудус. Ајакс го заврши мечот и со играч помалку поради црвен на Баси. Пред самиот крај нововлезениот Симонс ги постави конечните 3-5.
За Ајакс ова беше десетто загубено финале во Суперкупот и тимот останува на девет трофеи.