• Саше Љолес
Навивачите на францускиот ПСЖ се на „седмо небо“ откако нивните миленици освоија нов континентален трофеј, овој пат триумфирајќи над англискиот Тотенхем во Суперкупот на УЕФА, по подобро изведување пенали (4-3). Натпреварот во регуларното време заврши со конечен резултат 2-2 (0-1).
- Извештај од натпреварот:
Првото полувреме започна со прилично мирно темпо на двете страни, па, иако можеби се очекуваше дека ПСЖ ќе биде тимот што ќе проба да притисне, Тотенхем не делуваше воопшто наивно и се одржуваше во добар ритам на средината од теренот.
Првите 15 минути не донесоа некоја голема возбуда, но беше евидентно дека „петлите“ од Лондон се во солиден моментум. Ричарлисон беше првиот што се закани во 22. минута, неговиот удар одеше во рамките на голот, но мрежата остана во мирување. Потоа, Тотенхем малку се повлече и изгледаше прилично внимателно на својата половина.
ПСЖ имаше мали проблеми да сврзе неколку течни додавања на средината. Напорите на Квича Кварацкелија останаа без успех, освен една полушанса на Дезире Дуе.
Во продолжение „светците“ малку се разбудија, одиграа неколку добри акции, но во офанзива активен беше само младиот Дуе, кој постојано се бореше и продираше во последната третина.
Токму во тие моменти следуваше шок за европскиот шампион, Викарио дегажираше од средината на теренот, топката дојде до Палиња, кој биеше во пречката, а на одбиениот удар налета Мики Ван Де Вен, кој донесе предност за Тотенхем во 39. минута.
Имаа лондончани уште една добра шанса преку Мохамед Кудус, но беше сигнализиран офсајд. Истиот резултат остана и на паузата меѓу двете полувремиња (0-1).
Вториот дел започна со мала инцијатива на тимот на Томас Франк, Тотенхем делуваше сериозно и се избори за прекин во 48. минута. Нафрли Папе Матар Сар, а новиот прв капитен, Кристијан Ромеро, ја искористи невнимателноста на голманот Шевалие и зголеми на 2-0. Радоста кај навивачите на англискиот тим беше неизмерна во овие моменти.
ПСЖ возврати со неколку добри обиди во следните пет минути, имаше шанса и Осман Дембеле, но без опасност за голманот Викарио. Тотенхем ги користеше прекините и имаше можност за трет погодок, а парижаните одново покажаа дефанзивни слабости во овие ситуации.
Луис Енрике делуваше многу загрижено во овој период, но уште не се решаваше за некаква промена во составот. Потоа, Фабиан Руиз го зазема местото на Кварацкелија, а ПСЖ имаше брза прилика преку Дуе и Баркола. Топката влезе во голот, но помошникот-судија јави дека парижаните биле во офсајд-ситуација.
Темпото малку опадна во продолжение, но откако во игра влегоа Ли Канг Ин и Ибрахим Мбаје, ПСЖ се „пресели“ во голема офанзива, барајќи барем еден гол за враќање во мечот. И Томас Франк го освежи тимот во пресрет на последните дваесет минути, извлекувајќи ги од игра Ричарлисон и Палиња, а нивното место го зазедоа Соланке и Греј.
Како одминуваше времето, стануваше јасно дека ПСЖ полека влегува во скоро невозможна мисија и дека трофејот може да замине во Лондон. Францускиот тим со сите сили се обиде да се врати во игра, но тешко го пронаоѓаше патот до голот.
До крајот „светците“ имаа уште 2-3 солидни прилики, а една од нив конечно искористи Кореецот Ли со погодокот во 86. минута (2-1).
ПСЖ потоа со сите сили се обиде да дојде до егал-ситуација, пристисна моќно во шеснаесетникот, по што одбраната на Тотенхем капитулираше во 94. минута, кога Гонзало Рамос погоди со глава за 2-2.
Делуваше дека ПСЖ нема да се извлече, но сепак, успеа да дојде до реми и да го однесе мечот во пенал-рулетот. Соланке реализираше, а потоа Витиња го промаши целиот гол во првата серија. Погодија Бентанкур и Гонзало Рамос, но промаши Ван де Вен кај Тотенхем.
Дембеле ја врати неизвеноста после третата серија и одново беше нерешено. Следеше ужасен удар на Матијс Тел, по што Кореецот Ли донесе прва предност за ПСЖ. Педро Поро стрелаше за 3-3, а меч-топката ја имаше Нуно Мендеш, кој реализираше лесно и донесе нов европски трофеј за својот тим.
Тотенхем може да жали за големата шанса, но ПСЖ покажа зошто е најдобар тим на стариот континент и на крајот ја однесе радоста во Париз.


