Спектакл во Турција: Истанбул домаќин на завршницата во шпанскиот Суперкуп!

Шпанскиот Суперкуп во 2027 година ќе добие нова локација. Завршниот турнир за првпат во историјата ќе се одржи во Истанбул, каде што четирите најуспешни екипи ќе се борат за трофејот од втори до седми февруари на стадионот „Ататурк“.

Промената на домаќинот е направена поради проблемот со термините во Саудиска Арабија. Шпанската фудбалска федерација не може да го организира турнирот во Ријад, како што беше случај во изминатите шест години, бидејќи периодот се совпаѓа со одржувањето на Азискиот куп.

Поради тоа, Турција ќе биде привремен домаќин. Според договорот, од 2028 година Суперкупот повторно ќе се врати во Саудиска Арабија. Иако турнирот овој пат се сели во Истанбул, Саудиска Арабија останува генерален спонзор на натпреварувањето. Тоа партнерство трае уште од почетокот на периодот во кој Суперкупот се одржува во Ријад.

Во полуфиналето ќе се сретнат Реал Сосиедад и Реал Мадрид, додека во вториот меч ќе играат Барселона и Атлетико Мадрид. Составот на полуфиналињата е одреден според пласманот во Купот на кралот и Примера. Од Шпанската фудбалска федерација порачаа дека договорот со турската страна овозможува да продолжат финансиските и другите придобивки што Суперкупот ги носи за шпанскиот фудбал.

Според федерацијата, средствата од ова натпреварување имаат позитивно влијание врз речиси 1.000 клубови од различни категории, и во машкиот и во женскиот фудбал.