• Саше Љолес

Лутите градски ривали, Реал и Атлетико Мадрид, одиграа спектакуларен натпревар во полуфиналето од шпанскиот Суперкуп, а триумфот одново им припадна на „кралевите“, кои се покажаа како поискусни и по дури 120 минути игра славеа со конечни 5-3 (3-3).
- Извештај од натпреварот:
Ермосо го отвори резултатот уште во шестата минута од мечот, но Реал бргу возврати и поведе со 2-1, откако по еднаш погодија двајца дефанзивци, Антонио Ридигер и Ферлан Менди. Нешто подоцна, Антоан Гризман не дозволи „кралевите“ да заминат на пауза со водство, откако погоди во 37. минута и на одморот резултатот гласеше 2-2.
Во второто полувреме публиката виде уште по еден гол на двете страни и многу убави шанси за уште поголема ефикасност. Ридигер овој пат немаше среќа и си постигна автогол во 78. минута, но Дани Карвахал одново го врати Реал во игра, само осум минути подоцна. Регуларните 90 минути истекоа со конечни 3-3 и натпреварот мораше да замине во продолженија.
Дополинителното време донесе повторно слична слика на теренот и двата тима не престануваа со постојаните напади на двете страни. Се играше навистина прекрасен фудбал, но во самиот финиш поумешни се покажаа избраниците на Карло Анчелоти. Хоселу искористи една топка и помалку на среќа успеа со глава да го совлада Облак, откако го погоди во раката Србинот Савиќ. „Кралевите“ поведоа со 4-3 во 116. минута, а конечните 5-3 ги постави Браим Диаз во последните секунди од натпреварот.
Реал Мадрид патува во големото финале од шпанскиот Суперкуп, каде ќе се соочи со подобриот од дуелот помеѓу Барселона и Осасуна.