• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми доби спектакуларно испраќање од Динамо Загреб, во последниот натпревар кој го игра за „модрите“ пред трансферот во Кина.
„Максимир“ беше солидно пополнет, за последен пат да се поздрават навивачите со клупската легенда. Имаше и специјална кореографија во чест на Адеми, кој беше претставен како Супермен од страна на фановите.
„Бед Блу Бојс“ го скандираа името и презимето на фудбалскиот великан кој остави голема трага во екипата. Адеми од Динамо заминува со 373 настапи како втор играч со најмногу настапи за хрватскиот великан, а исто и како најтрофеен играч, со вкупно 20 титули - 11 во ХНЛ-лигата, шест во Купот на Хрватска и три Суперкупа.
Аријан Адеми го носеше дресот на Динамо Загреб од 2010 година, а негов единствен друг клуб во кариерата му беше Шибеник каде како тинејџер ги направи првите чекори во професионалниот фудбал. Негова следна станица ќе биде Пекинг Гуан во Кина.