ВИДЕО: Спектакл на „топџиите“, Славија застана во четвртфиналето

И без своите најдобри фудбалери Одегард и Обамејанг, кои се повредени и болни, Арсенал прелесно ја совлада Славија среде Прага со 0-4 (0-3) и вторпат во три години ќе игра меѓу четирите најдобри екипи во Лига Европа. За пласман во мајското финале во Полска, Арсенал ќе се бори со шпански Виљареал

  • Извештај од натпреварот: 

По мирното испитување на силите, првата емоција пристигна во 15. минута. По ударот на Сака, топката се одби од Смит-Роув, кој ја смест во мрежата на Чесите. Сепак, судијата Чакир го поништи голот, по сигнализација на ВАР-технологијата, заради недозволна позиција од стрелецот.

Две минути подоцна, Смит-Роув убаво во празно го пронајде Пепе, а овој од непосредна близина го совлада Колаж (0-1). Славија Прага не  се ни созеде, а Хромода го сруши Смит-Роув во казнениот простор и турскиот судија покажа на белата точка. Лаказет го прати Колаж во спротивната страна и „топџиите“ по половина полувреме веќе имаа 0-2. 

Момците на Артета беа во целосен налет и Сака со мајсторска полуконтра и резантен удар по земја во 24. минута по третпат ја погоди мрежата на чешкиот шампион. Славија до одморот се обиде само преку Олаинка, но Лено немаше потреба да интервенира. 

Вториот дел се играше целосно по „нотите“ на Арсенал. Гостите го „успаа“ темпото, играа хоризонтален посед и Славија се предаде. Ниту замените не донесоа промени и Арсенал со една од своите најубедливи партии сезонава во Европа се избори за место во големата четворка. Победата поубедлива ја направи играчот на натпреварот, Александр Лаказет со својот втор гол за финални 0-4 и севкупни 5-1 за англискиот претставник.