ВИДЕО: Спектакл на „Ел Монументал“, Ривер Плата е нов шампион на Аргентина!

Екипата на Ривер Плата се закити со титулата во аргентинското првенство и стигна до својот 38-ми шампионски трофеј, со што се зацврсти на „вечната“ листа пред најголемиот ривал, Бока Јуниорс

Ривер сега има три титули повеќе од Бока, а навивачите на легендарниот аргентински клуб го обоија стадионот во црвено-бела боја и долго во ноќта го славеа големиот успех на нивните миленици. 

Момците на тренерот Мартин Демикелис успеаја да го совладаат Естудијантес со 3-1 и на две кола пред крајот, успеаја и математички да ја обезбедат новата титула. Стрелци во победата на Ривер беа Белтран, Де ла Круз и Барко, а откако заврши натпреварот, навивачите влетаа на теренот и на спектакуларен начин ставија „круна“ на успешната сезона. Демикелис беше пресреќен и не можеше да ги задржи солзите пред самиот крај на натпреварот, а навивачите беа во „делириум“ и сосема заслужено славеа голем триумф. 

  • Извештај од натпреварот: 

Легендарниот стадион „Ел Монументал“ прими над 80.000 посетители и гореше од пиротехника, а локалните медиуми пишуваат дека славеничките песни се слушале дури до соседниот град кој се наоѓа на 14 километри од стадионот. 

  • Спектаклот на „Монументал“ во Буенос Аирес: 

Фановите го славеа нивниот тренер кој е поранешен фудбалер на Баерн Минхен и Манчестер Сити, а Демикелис пристигна во клубот пред само девет месеци и успеа да го крене тимот до самиот врв на аргентинскиот фудбал. Јужноамериканците се познати по спектакуларните славја, па и овој случај не беше поинаков од останатите.