„Специјалист“ за промоција во Премиер седна на клупата на Вест Хем

Вест Хем не чекаше долго по разделбата со Нуно Еспирито Санто и експресно го назначи Скот Паркер за нов менаџер. Англискиот стратег се враќа на „Лондон стадион“, каде што претходно настапуваше како фудбалер и остави силен впечаток.

Нуно беше отпуштен поради послабите резултати од очекуваните, а раководството на „чеканите“ одлучи да му укаже доверба на Паркер, кој како играч во 113 натпревари го носеше дресот на лондонскиот клуб.

Паркер зад себе има тренерско искуство во Фулам, Борнмут и Барнли, со кои успеа да избори пласман во Премиер лигата. Сега пред него е нов предизвик, да го врати Вест Хем на победничките патеки и да се обиде да го врати клубот во англиската елита.

По официјалното назначување, новиот менаџер им се обрати на навивачите и не го криеше задоволството од враќањето во клубот.

„Чувствувам огромна гордост што ја преземам оваа функција и се враќам во клуб кој многу им значи на мене и на моето семејство. Имам прекрасни спомени од периодот поминат тука – четири години во кои веројатно го играв најдобриот фудбал во мојата кариера. Имаше посебна топлина, љубов и чувство какво што веројатно не сум доживеал на друго место. Особено се издвојува односот што го изградив со навивачите. Таа блискост и почит ги почувствував уште од самиот почеток“, изјави Паркер.

Паркер своето деби на клупата на „чеканите“ треба да го има вечерва, против екипата на Кардиф.