Спалети во потрага по напаѓач: Интер го враќа Горан Пандев!?

Пандев во Интер

Во 2010 година ја освои легендарната тројна круна со Интер, а сега постои интерес тој да се врати во екипата предводена од Лучијано Спалети. Македонскиот напаѓач, Горан Пандев, е интересен за „неразурите“ кои сакаат да го доведат за да формира напаѓачко трио заедно со Маури Икарди и Лаутаро Мартинез, кој ќе пристигне во Милано ова лето.

34-годишниот македонски репрезентативец зад себе остави солидна сезона во која заедно со Џенова без никаков проблем обезбеди опстанок во Серија А. Во истата одигра 35 меча, постигна пет гола и запиша една асистенција и беше еден од подобрите поединци во тимот на Давиде Балардини.

Пандев ги помина најдобрите години од својата кариера на „Џузепе Меаца“ и заедно со Жозе Мурињо и донесе на екипата титула во Лигата на шампионите (ЛШ) по пауза од 45 години.

Во претходната сезона постигна и погодок против Интер за значајни три бода за Џенова во борбата за опстанок. Спалети и неговите фудбалери имаа одличен финиш на сезоната и со херојски пресврт кај Лацио обезбедија место во групната фаза од Лигата на шампионите.