• Саше Љолес
Селекторот на Италија, Лучијано Спалети, изрази задоволство од атмосферата во репрезентацијата и најави голема борба за највисок пласман, веднаш по одржувањето на првиот тренинг во Германија.
„Аѕурите“ пристигнаа на Европското првенство како континентални шампиони, а Спалети верува дека тимот има квалитет да го повтори огромниот успех, иако обложувалниците не ја сместуваат Италија меѓу главните фаворити.
„Одработевме одлични подготовки и полни со мотивација пристигнавме во Германија. За нас мисијата е јасна, повторно го посакуваме трофејот. Знам дека многумина не се согласуваат со мене, но ние имаме квалитет за највисок пласман.
Ниту еден ривал не е за потценување, па затоа со максимален пристап ќе влеземе во групната фаза. Имаме мали проблеми со повредите, но мислам дека ќе бидеме комплети пред првиот меч. Навивачите полека пристигнуваат, стадионите ќе бидат полни, а ние мораме да возвратиме со добри игри“, рече Спалети.
Италија ја совлада Англија во големото финале на Европското првенство во 2021 година, кога за првпат настапи и македонската репрезентација. Новата авантура „Аѕурите“ ќе ја започнат од групата Б, каде имаат сериозна конкуренција во Хрватска, Шпанија и Албанија.