Спалети: Комплетно потфрливме и направивме неколку чекори наназад!

Тренерот на Јувентус, Лучијано Спалети, немаше многу причини за задоволство по тешкиот пораз од Галатасарај во Истанбул (5-2). Искусниот стручњак отворено призна дека неговиот тим потфрлил и на теренот оставил впечаток на екипа која го изгубила компасот.

„Направивме неколку чекори наназад. Се обидовме да воведеме ред, но потфрливме на планот на личност и карактер. Исклучувањето многу влијаеше, но не можеме сè да оправдуваме со тоа. Не сфативме колку е опасно она што го правиме.

Ако сакаме да бидеме стабилни, мора да го контролираме натпреварот преку играта. Кога паѓаме под нивото, секогаш сме во ризик да примиме гол. Немаме доволно дефанзивна сигурност ако се потпираме само на реакција и транзиција“, изјави предводникот на Јувентус. 

Спалети најави и можни промени во наредниот период, истакнувајќи дека по деталната анализа ќе бидат донесени одредени одлуки за тимот повторно да го пронајде вистинскиот правец.