• Саше Љолес
Јувентус ја заврши позитивната серија во италијанскиот шампионат со незгоден и неочекуван пораз од Каљари (1-0), а тренерот Лучијано Спалети во манир на голем џентлмен го пофали домаќинот за борбената игра на теренот.
„Бјанконерите“ кикснаа во борбата за највисок пласман во Серија А, повторно заостанувајќи зад водечкото трио - Наполи, Милан и Интер.
„Го поздравувам Каљари за големата борба, домаќинот на овој меч заслужено дојде до победата. Тие постојано се бореа, се затворија добро и се обидоа да ни направат проблеми.
Ние имавме посед и шанси, но не бевме доволно жестоки во креирањето на акциите и не успеавме да ги искористиме приликите што ги создадовме. Понекогаш натпреварите едноставно одат така.
Сега мораме да се свртиме кон следниот меч, да бидеме пофокусирани и поефикасни, и да извлечеме лекции од овој пораз“, рече Спалети.
Најтрофејниот италијански тим остана на 39 бодови, а во следното коло го очекува мега-дерби против екипата на Наполи.








