• Горан Упале

Екипата на Наполи продолжува да реди победи и ја запиша својата осма радост од исто толку кола во италијанскиот шампионат. На „Диего Армандо Марадона“ со минимални 1-0 беше совладан тимот на Торино, а творец на победата на наполитанците беше Виктор Осимен, на асистенција на нашиот Ељиф Елмас.
По натпреварот Лучијано Спалети не го криеше задоволството од извојуваната победа, а даде коментар за ангажираноста и професионализмот на нашиот репрезентативец.
„Со победата над Торино им даваме дополнителен мотив на противниците да нè победат. Сега сите се против нас. Вечерва можеби некои фудбалери потфрлија, но добро е што имам квалитетни играчи и на клупата за резерви кои со влегувањето ја направија разликата на теренот.
Осимен е силен и голем работник, а Елмас е исклучително момче, кое влегува со голем ентузијазам и поминува километри дури и кога не е потребно. Тоа е одлична работа“, рече Спалети.
Следен предизвик за Наполи е дербито со Рома на Жозе Мурињо, која синоќа забележа минимален пораз од Јувентус.