• Иван Димовски

Фудбалерите на Наполи го победија Лестер (3-2), во директна пресметка за пласман во нокаут рундата на Лига Европа. На овој дуел клучна улога имаше Ељиф Елмас, кој со два погодоци успеа во огромна мера да влијае на резултатот.
По триумфот, своето мислење го изнесе тренерот Лучијано Спалети, а имаше само пофални зборови за македонскиот „дијамант“.
„Ељиф е неверојатно момче, разновиден играч кој знае да се адаптира на многу позиции. Досега му оди одлично. Тој играше повеќе од сите, ако се земат предвид и минутите во националниот тим.
Сепак, кога и да излезе на теренот, секогаш покажува карактер. На која позиција и да го ставам, тој секогаш има запазени партии“, изјави Спалети.
Македонскиот репрезентативец со четири погодоци е најдобар стрелец на Наполи во групната фаза на европското натпреварување. Исто толку голови има и Виктор Осимен, ама Елмас има и една асистенција која му дава предност пред Нигериецот.