Спахиу двоен стрелец, Вардар поразен од Престон Лајонс!

Екипите на Вардар и Престон Лајонс Македонија одиграа интересен и возбудлив пријателски натпревар на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје, а на крајот победата замина кај гостинската екипа од Австралија, која триумфираше со конечни 2-4 (1-1). 

Во пријателска атмосфера Вардар додели благодарните до гостите од Австралија за легендарниот почесен претседател на клубот од Скопје, Андон Дончевски, кој пред неколку недели ја доби оваа функција во својот поранешен клуб. Најавената плакета ја додели извршниот член на Одборот на директори на Вардар, Мартин Гелев и истата ќе наскоро ќе заврши во рацете на македонската фудбалска легенда. 

Нашинците од Австралија допатуваа во главниот град на Македонија и одиграа меч против најтрофејниот фудбалски клуб, а резултатот беше отворен во 20. минута, кога Престон поведе со 0-1 преку Џиан Албано. 

Вардарци „запнаа“ во продолжение и успеаја да израмнат со голот на Едиз Спахиу во 35. минута, кој го постави и резултатот на паузата меѓу двете полувремиња (1-1). 

После петнаесет минути игра во вториот дел, Престон повторно ја затресе домашната мрежа преку Џорџио Серденес и одново го презеде водството, а потоа успеа да погоди уште еднаш и веќе имаше комотни 1-3 во 69. минута од натпреварот. Стрелец на третиот гол за гостите беше напаѓачот Конор Бел. 

Вардар не се предаде и намали на 2-3 од пенал кој прецизно го изведе Спахиу во 79. минута. Двојниот стрелец на „црвено-црните“ прикажа одлична партија и го одржуваше својот тим во игра, но скопскиот состав не успеа да дојде до израмнување и на крајот мораше да се помири со пораз. Престон одигра подобро во завршните минути и успеа и по четврти пат да ја матира домашната одбрана, славејќи со конечни 2-4, а стрелец повторно беше одличниот Конор Бел. 

Вардар на домашен терен нема пораз на 25 официјални натпревари во шампионатот и Купот, што најдобро ја отсликува формата на екипата на Гоце Седлоски пред овој пријателски натпревар. Екипата на Престон Лајонс Македонија веќе в четврток го игра вториот пријателски натпревар во Македонија. На стадионот на второлигашот Новаци ќе се соочи со битолски Пелистер.