СП во 2030 ќе биде посебно: Ќе се игра на три континенти и ќе трае...

Светското првенство во фудбал во 2030 година ќе биде посебно по многу нешта. Пред неколку дена беше објавено дека натпреварите ќе се играат во шест земји и на три континенти, а сега Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека тоа ќе трае дури месец и половина.

Поточно, првиот меч ќе се игра на 8 јуни, финалето е закажано за 21 јули, а она што е особено интересно, свеченото отворање ќе се одржи дури пет дена по првиот натпревар.

Првите три натпревари на Мундијалот ќе се одиграат во Јужна Америка, по еден во Аргентина, Уругвај и Парагвај, сите како почит на стогодишнината од првото Светско првенство во Уругвај. Шесте репрезентации кои ќе учествуваат на тие натпревари ќе имаат од 12 до 13 дена одмор до следниот дуел кој ќе биде на 21 или 22 јуни во Европа или Африка, со оглед на тоа што остатокот од натпреварувањето ќе се игра во Шпанија, Португалија и Мароко.

Како и сите претходни одлуки, така и оваа треба да се официјализира на следниот конгрес на ФИФА, но тоа треба да биде формалност.