• Горан Упале
Светското првенство во фудбал во 2030 година, кое ќе ја одбележи и стогодишнината од првото Светско првенство во Уругвај, ќе биде нешто посебно и досега невидено, открива првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино.
Според неговите зборови, натпреварувањето кое ќе се одржи на три континенти и во шест земји ќе биде искористено за потсетување на сите минатите Светски првенства.
„Тој Мундијал ќе биде нешто посебно и уникатно. Нешто што досега не е видено. Ќе биде ода на сите досегашни Светски првенства и натпреварување што ќе ја обедини планетата.
Пред неколку години почнавме да размислуваме за тоа натпреварување и веднаш ни стана јасно дека тоа нема да биде обично Светско првенство. Тоа е можност да се потсетиме на сите досегашни Мундијали, учесници и победници и мора да биде нешто кое досега не е видено“, рече Инфантино.
Според планот на ФИФА, најмногу натпревари на Светското првенство во 2030 година ќе се одиграат во Мароко, Шпанија и Португалија, првиот натпревар на првенството ќе се игра во Уругвај, а Аргентина и Парагвај ќе ги одиграат првите натпревари во групата на домашен терен.