• Мартин Танасковски
Македонија со сигурност ќе игра бараж за Светското првенство (СП) кое во 2026 година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико. Во Кардиф ќе го „бираме“ својот пат - дали ќе одиме по полесен, или потежок, ако загубиме, по оној кој го обезбедивме преку Лигата на нациите. Пласман на СП 2026 за Македонија би донел фудбалска историја, но и добар финансики „џек-пот“.
Претстојниот Мундијал ќе постави нови финансиски стандарди, бидејќи вкупниот награден фонд, според засега неофицијални информации, ќе надмине 900 милиони евра. Иако конечните бројки сè уште не се потврдени, веќе е познато дека дури и само учеството на турнирот ќе биде исклучително вредно за националните федерации.
Секоја од 48-те селекции што ќе избори пласман на Мундијалот ќе инкасира сума меѓу 8.3 и 12 милиони евра уште пред да започне натпреварувањето. Овие износи претставуваат значајно зголемување во однос на претходните циклуси, што ја демонстрира финансиската моќ и растечката комерцијална привлечност на најголемиот фудбалски настан на планетата.
Покрај основниот надомест, се разгледува и воведување дополнителни награди за резултатите во групната фаза. Според истите извори, победата во групите би носела 1.85 милиони евра, додека нерешениот резултат би бил вреднуван со 925 илјади евра. На тој начин, секој бод ќе добие конкретна финансиска тежина, што дополнително ќе ја интензивира мотивацијата на тимовите, особено во израмнетите групи.
Пласман во елиминациската фаза носи уште поголеми приходи. Осминафиналето би можело да донесе нови 6.45 милиони евра за учесниците, додека билетот за четвртфинале се проценува на околу 11.2 милиони. Вистинскиот финансиски скок доаѓа во завршницата: местото во полуфиналето би било вредно околу 18 милиони евра.
Најзначајните премии, како и секогаш, се резервирани за финалниот меч. Финалистот кој ќе биде поразен ќе инкасира 25.8 милиони евра, што е износ кој во други спортови би претставувал вредност на цел турнир. Освојувачот на светската круна, пак, ќе биде награден со рекордни 43 милиони евра. Овој износ веќе се оценува како историски највисок и драстично ги надминува премиите доделени на претходните шампиони.


