СП 2026 го доби четиринаесеттиот учесник: „Кенгурите“ остануваат во мода

Фудбалската репрезентација на Австралија го обезбеди своето место на Светското првенство 2026, што ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, станувајќи така четиринаесеттата селекција што се квалификуваше за големиот фудбалски спектакл.

Во последното коло од квалификациите, Австралијците во Џеда победија со 2-1 против Саудиска Арабија, резултат кој беше доволен за потврда на пласманот. Домашната селекција имаше само теоретски шанси да помине – им беше потребна победа со најмалку пет гола разлика поради полошата гол-разлика. Австралија го заврши настапот во Групата Ц со 19 бодови – четири помалку од лидерот Јапонија, додека Саудиска Арабија остана трета со 13.

Ова е седмо учество на Австралија на едно Светско првенство, а шесто по ред од 2006 година наваму. Првпат се појавија во далечната 1974, но дури три децении подоцна почнаа со редовни настапи, откако преминаа од Океанската во Азиската фудбалска конфедерација – стратегиски потег што го отвори патот за нивната фудбалска експанзија.

Покрај Австралија, пласман од азиската зона веќе обезбедија и Јапонија, Иран, Јужна Кореја, Узбекистан и Јордан. На списокот на патници веќе се и домаќините САД, Канада и Мексико, како и актуелниот светски првак Аргентина, Бразил, Еквадор, Уругвај и Нов Зеланд.

ФОТО: Subway Socceroos / Facebook