• Горан Упале

По пауза од дваесет години „Златната божица“ која што се доделува на најдобрата светска селекција, се врати во Јужна Америка, но не во Бразил каде што поголемиот дел од јавноста очекуваше пред почетокот на Светското првенство во Катар, туку отпатува за Аргентина – освојувачот на 22. Мундијал.
Планетарниот собир во Катар по многу нешта беше посебен, долгоочекуван, критикуван, величен... Ова беше второ Светско првенство одржано целосно во Азија, по турнирот во 2002 година во Јужна Кореја и Јапонија, а поради интензивните летни горештини и влажност во Катар, шампионатот се одржа во доцна есен на северната хемисфера (ноември и декември).
Освојувач на Светското првенство во Катар е селекцијата на Аргентина, победувајќи го во финалето бранителот на титулата Франција со 4-2 на пенали (3-3 по продолженијата). „Гаучосите“ лошо го отворија турнирот и во првото коло загубија од Саудиска Арабија, па затоа секој нареден натпревар им беше како финале и избраниците на Лионел Скалони, предводени од првата ѕвезда Лионел Меси, одлично се справија со тој притисок.
Така, најпрестижниот фудбалски трофеј конечно заврши во рацете кај еден од најголемите. Меси со овој трофеј си го оствари детскиот сон, но и ја потврди својата доминација во модерниот фудбал. Токму тој беше избран за најдобар фудбалер на собирот, неговите соиграчи Емилијано Мартинез и Енцо Фернандез ги добија наградите за најдобар голман, односно најдобар млад фудбалер, додека признанието за најдобар стрелец заврши кај Килијан Мбапе кој постигна осум гола. Исто така, францускиот напаѓач стана првиот играч кој постигнал хет-трик во финале на Светско првенство по Џеф Хрст во финалето во 1966 година. Наградата за фер-плеј ја доби Англија, која што имаше само еден жолт картон.
Во малото финале, односно во битката за третото место, славеше Хрватска над Мароко (2-1). Африканската селекција е најпријатното изненадување на овој собир, тука е и Хрватска која што одново одигра фантастичен турнир и вторпат во низа се најде меѓу четирите најдобри. Најголеми разучарувања се Германците, кои одново не ја минаа групата, како и селекциите на Данска, Шпанија, Уругвај...
Светското првенство во Катар се играше на осум грандиозни стадиони, а богатата азиска држава за организација на овој собир потроши над 20 милијарди долари. Шампионатот беше одбележан и по многу контроверзии. Големи полемики имаше уште пред 12 години, кога Катар ја доби кандидатурата, потоа прашина се крена поради големиот број починати работници за време на изградбата на стадионите, забраната за точење алкохол на стадионите, како и забраната на навивачите да влегуваат на стадионите облечени во облека во боја на виножито, што е симбол на ЛГБТ заедницата...