• Горан Упале
Јулен Лопетеги преживеа уште еден клучен натпревар на клупата на Вест Хем. Шпанскиот стратег веќе подолго време е под голем притисок, а својата ера во лондонскиот клуб можеше да ја заврши вечерва, доколку „чеканите“ го запишеа третиот пораз во низа, но на „Лондон Стадиум“ падна Вулверхемптон со 2-1 (0-0).
- Извештај од натпреварот:
Во знак на поддршка за соиграчот Антонио, кој пред два дена имаше тешка сообраќајна несреќа и денес беше опериран, фудбалерите на Вест Хем на терен излегоа со дресови со бројот девет и името на Антонио на грбот. Навивачите, пак, симболично во деветтата минута од натпреварот, со громогласен аплауз ја испратија својата поддршка до Антонио.
Специјална поддршка испратија Соучек и Боувен, кои беа автори на победата на „чеканите“ на овој натпревар. Чешкиот ас во свој стил, со глава, погоди за водство на домашниот тим во 54. минута. Откако Доерти по одлична тимска акција израмни на 1-1, на сцена стапи капитенот на Вест Хем. Англискиот репрезентативец, Боуве, во 72. минута прво со мајсторски потег се ослободи од директниот чувар, а потоа со прецизен удар на втора статива погоди за 2-1, истрча кон трибините и го подигна дресот на Антонио.
За лондончани ова беше само петта овосезонска победа во Премиер лигата и со 18 бода се на четиринаесеттата позиција на табелата, додека „волците“ остануваат претпоследни со само девет бода.