Соучек: Да ја избегнеме улогата на аутсајдери, имаме шанси против Португалија

Репрезентативецот на Чешка и член на англискиот Вест Хем, Томас Соучек, во интервју за сајтот на УЕФА зборуваше за првиот предизвик на неговиот тим, кој ќе се соочи со силната Португалија во мечот од групата Ф на Европското првенство. 

Чешка во овој двобој ја има улогата на аутсајдер, но капитенот смета дека двата тима имаат подеднакви шанси за освојување на целиот плен и изрази задоволство од досегашните подготовки. 

„Знаеме против кого играме. Ќе започнеме од 0-0 и ќе се обидеме со сите сили да стигнеме до позитивен резултат. Имавме одлични подготовки и мислам дека сите сме фит за првиот меч. Секој бод е исклучително важен, а ние ќе се потрудиме да ја избегнеме улогата на аутсајдери. Ако работиме напорно од првата до последната минута, епилогот може да биде среќен“, изјави Соучек. 

Репрезентациите на Чешка и Португалија се среќаваат на 18 јуни, во вечерниот термин од 20:00 часот. „Европските бразилци“ важат за големи фаворити на овој меч и се вбројуваат меѓу главните кандидати за титулата на континенталниот собир.