• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Реал Сосиедад го одбранија домашниот терен и со победа од 1-0 во реваншот од полуфиналето на Куп на кралот против лутиот ривал Атлетик Билбао обезбедија пласман во финалето. Во борбата за трофејот ќе се соочат со Атлетико Мадрид. Предноста од 1-0 од првиот натпревар на „Сан Мамес“ се покажа како повеќе од доволна залиха за реваншот на „Аноета“, каде што домаќинот во најголем дел од средбата ја контролираше играта. Гостите од Билбао, свесни за резултатскиот минус, тргнаа офанзивно и агресивно, но почетниот притисок не траеше долго.
- Извештај од натпреварот:
Реал Сосиедад брзо се ослободи од налетот на ривалот и веќе во 13. минута имаше сериозна можност преку Солер од слободен удар, но голманот Падиља беше внимателен. До крајот на првото полувреме домаќините ја презедоа иницијативата, создадоа неколку опасни ситуации, но без конкретна реализација. Атлетик возврати преку Сансет во 40. минута, но без вистинска закана. Во вториот дел темпото беше нешто поспокојно, но јасно беше дека Реал Сосиедад бара момент за решавачки удар. Во 56. минута Јон Мартин се закани со удар со глава покрај голот, што беше најава за поофанзивен пристап. Домаќините особено беа опасни по прекини, препознавајќи ја ранливоста на противникот во тие ситуации.
Клучниот момент се случи во 87. минута, кога судијата досуди пенал по старт што гостите го оспоруваа. Одговорноста ја презеде капитенот Микел Ојарзабал и сигурно реализираше за 1-0, ставајќи точка на дилемите околу финалистот. Атлетик се обиде да возврати во самиот финиш, но тимот немаше доволно среќа и прецизност. Во длабокото судиско продолжение Оскарсон можеше да ја направи победата поубедлива, но ја погоди стативата.
Со овој триумф, Реал Сосиедад избори прво финале по 2020 година и ќе има можност наредниот месец да го освои својот прв трофеј во Купот на кралот по шест години, во директен дуел со Атлетико Мадрид.



