Сонот за СП живее: Македонија и Милевски изградија стабилен и респектабилен тим!

Фудбалската репрезентација на Македонија е пред крајот на уште еден квалификациски циклус за Светско првенство. Нашите фудбалери и стручниот штаб на селекторот Милевски се претставија во одлично светло и со серија позитивни резултати создадоа повод за гордост и надеж кај навивачите. 

На стартот на квалификациите, Македонија забележа триумф со 3‑0 на гости кај Лихтенштајн. Стрелци беа Александар Трајковски во седмата, Висар Муслиу во 42. и Бојан Миовски во 84. минута. Ова беше значаен почеток за „рисовите“ - чиста мрежа и три бода во група што вклучува сериозни противници.

Потoa, го дочекавме незгодниот Велс, со кого бевме во егал до 91. минута, кога Џо Ален направи голема грешка и му подари гол на нашиот Бојан Миовски. За жал, нашата дефанзива потклекна во 96. минута и му дозволи на ривалот да замине со еден голем бод во Скопје, зашто пред мечот најавуваше дека доаѓа по целиот плен. 

Еден од најзабележителните резултати беше ремито (1-1) против Белгија на Националната арена „Тодор Проески“. Македонците успеаја да го издржат притисокот од главниот фаворит, а на моменти и опасно се закануваа по голот на Белгија, на крајот освојувајќи еден, но многу вреден бод. 

Голот за нашиот тим дојде по прекрасниот удар на Езџан Алиоски во 86‑тата минута, што јасно покажуваше дека тимот има карактер и може да се бори дури и кога е под притисок. Овој резултат не претставуваше само освоен бод, туку беше знак дека екипата не се плаши од предизвиците и може да се мери со најголемите селекции. За потсетување, на овој дуел двапати ја погодивме стативата и имавме поништен гол поради офсајд. 

Долгото и мачно патување во Казахстан беше крунисано со голот на Александар Трајковски во 33. минута (0-1), а потоа лесно го преслушавме Лихтенштајн во Скопје (5-0). Во овие моменти бевме лидери во нашата група. 

Во уште еден клучен натпревар, Македонија одигра 0‑0 и како гостин во Белгија, при што покажа дисциплина, компактност и способност за цврста колективна одбрана. Со овој резултат, тимот ја зацврсти позицијата во групата и повторно остана на првата позиција. 

Следуваше и мечот со Казахстан на домашен терен, каде и покрај, веројатно, неочекуваното издание и ремито со конечни 1-1, останавме во игра за второто место во групата, кое може да ни донесе релативно послаб противник во плеј-офот за Светското првенство. Нештата нема да зависат само од нас, најпрво го чекаме и мечот Лихтенштајн - Велс, за да видиме дали во Кардиф ќе ни биде потреба победа, или доволно ќе биде и реми со тимот на Крег Белами. 

Едно е сигурно, Македонија и четата на Благоја Милевски изградија сериозен пристап кога се работи за националниот тим, а нашите противници сѐ поретко нѐ потценуваат, но нашата игра сѐ почесто ветува, давајќи надеж дека сме на добар пат и можеме за првпат во историјата да се пласираме на еден планетарен фудбалски собир. 

Сето ова е навистина неверојатно ако се земе предвид фактот дека нашите фудбалери најчесто воопшто не играат во своите клубови, или добиваат помала или незначителна минутажа. Според зборовите на кормиларот Милевски, овие момчиња заслужуваат огромна почит за сиот придонес кон „црвено-жолтиот“ дрес.