ВИДЕО: Сонот за СП се уште живее, Сирија ремизира со Австралија!

Репрезентацијата на Сирија на меч кој се одигра на неутрален терен, како домаќин во рамки на плеј-офот за СП 2018 одигра 1-1 (0-1) против Австралија и се уште има шанси за пласман на фудбалскиот Мундијал.

Додека во земјата владее хаос, фудбалерите го живеат својот сон. Тие се пласираа во плеј-офот за пласман на Мундијалот, а на првиот меч ремизираа со големиот фаворит.

Австралија водеше речиси цела средба со гол кој го постигна Крусе во 40. минута, а во финишот, изедначи Ал Сома од пенал во 85. минута. Интересно е што Австралија претходно при водство од 0-1 двапати ја погоди стативата, а откако не ја искористи шансата, казната пристигна на спротивната страна.

Австралијците може да бидат среќни што овој меч заврши нерешено, затоа што Сирија во финишот имаше уште неколку прекрасни шанси за гол, но голманот Рајан правеше чуда меѓу стативите.

Сирија е најголемото изненадување во квалификациите за СП 2018 и се бори за својот дебитантски настап на светскиот фудбалски собир. Патникот на фудбалскиот Мундијал ќе биде познат на реваншот кој ќе се игра во Австралија за пет дена.