Сонот стана реалност: Чиро Имобиле ја освои „Златната копачка“!

Италијанскиот напаѓач Чиро Имобиле на коло пред крајот во Серија А е крунисан за „Златната копачка“ на Европа за сезоната 2019/20.

Репрезентативецот на „аѕурите“ и напаѓачот на Лацио зад своето име има 35 постигнати гола, но ќе остане на лидерското место затоа што главниот конкурент Кристијано Роналдо е изоставен од составот на Јувентус во последната рунда. Второто место му припадна на Роберт Левандовски со 34 гола, додека Роналдо финишира со 31 погодок. За Имобиле ова е прва „Златна копачка“ во кариерата.

„Златната копачка“ по 13 години се враќа во Серија А. Последен пат најдобар европски стрелец бол Франческо Тоти во сезоната 2006/07. Сезона претходно најдобар стрелец беше Лука Тони со 31 гол. Во последните 15 години наградата ја добиваа Кристијано Роналдо (четири пати во Манчестер јунајтед и Реал Мадрид), Лионел Меси (шест пати), Диего Форлан и Луис Суарез како играч на Ливерпул.

Имобиле собори несекојдневен рекорд во италијанското првенство. На едно коло до крајот на Серија А, напаѓачот има 35 гола, што е повеќе од Антонио Анџелило (33 гола во сезоната 1958/59 во дресот на Интер) и Феличе Борел (32 гола во сезоната 1933/34 во дресот на Јувентус). Напаѓачот на Лацио веќе е најдобар италијански стрелец во историјата на еден шампионат на Италија. Ако вечерва постигна два или повеќе гола ќе го израмни или надмине рекордот на Гонзало Игуаин, кој е најдобар стрелец во една сезона во историјата на Серија А.