Сонг: Кога дојдов во Арсенал си купив ист автомобил како Анри, а потоа немав за гориво...

Поранешниот репрезентативец на Камерун и ѕвезда на Арсенал, Алекс Сонг своевремено тргна по патот на парите и се пресели во Барселона, иако знаеше дека нема да се изнаигра на „Камп Ноу“. Фудбалерот за врска мина седум години во северен Лондон и беше миленик на навивачите, но тогаш доби понуда која не се одбива. 

„Кога Барселона ми понуди договор и видов колку ќе заработувам, не размислував. Се сретнав со директорите, ми кажаа дека нема да играм многу, ама си реков: „Баш ми е гајле, ќе станам милионер“, кажа Сонг. 

Бидејќи во Арсенал во 2005 година пристигна како „анонимец“, Сонг немаше финансиски добар договор, а во Барса доби пет милиони годишно. Покрај ситуацијата за трансферот, Камерунецот раскажа и интересна приказна. Имено, кога потпишал за Арсенал веднаш посакал да вози автомобил како Тиери Анри и си купил ист, ама...

„Повеќето фудбалери живеат над своите можности. Играв во Арсенал долго, ама „живеев“ само последните четири кога ми се покачи платата. Кога дојдов во првиот тим добив 15.000 фунти неделно. Бев млад и одушевен. Го видов Тиери Анри и неговиот „бисер“ од автомобил...

Веднаш отидов да си го купам, потпишав документи и платив. Сепак, се колнам го вратив по само два месеци. Сите пари ги трошев на гориво. Се вратив и реков: „Дајте ми Тојота“. Следниот тренинг Анри ме праша каде ми е автомобилот, па му кажав дека тоа е премногу за мене. Додека бев во Арсенал не можев да заштедам ниту 100.000 фунти, иако сите мислеа дека сум милионер“, изјави Сонг. 

Во 2012 година следеше трансфер во Барселона за 19 милиони евра. Сепак, очекувано Сонг беше маргинален лик во Каталонија и двапати беше позајмен во Вест Хем, пред да замине во Рубин Казан. Потоа преку Сион, Сонг сега на 34-годишна возраст настапува за Арта Солар од Џибути.