ВИДЕО: Сон со велемајсторија ја спаси Кореја од пораз, Јапонија сигурна против САД

Во периодот кога на стариот континент на програмата се последните кола од третата сезона во Лигата на нации, останатите селекции ширум светот септемвриската пауза ја користат за пријателски натпревари.

Така, учесникот на претстојното Светско првенство во Катар, Јужна Кореја одигра без победник против Костарика (2-2), додека Јапонија имаше сигурна престава против Соединетите Американски Држави и славеше со 2-0.

Во Гојанг домашната селекција беше голем фаворит против Костарика, но ѕвездата на Тотенхем, Сон во последната минута со велемајсторија од слободен удар ја спасуваше од пораз, откако претходно гостите со двата гола на Бенете долго време беа во водство од 1-2.

Јапонија, пак, целосно ги надигра Соединетите Американски Држави, кои одиграа очајна партија во Дизелдорф и не упатија ниту еден директен удар кон противничкиот гол. Головите на „самураите“ ги постигнаа Камада во првото и Митома во второто полувреме.