Солзи и емоции: Славниот Лукас Подолски означи крај на богатата кариера (ВИДЕО)

Славниот германски напаѓач со полско потекло, Лукас Подолски, официјално стави крај на својата богата кариера и на емотивен начин се збогуваше со навивачите на стадионот „Рајн Енерџи“ во Келн. 

На збогувањето присуствуваа околу 50.000 поддржувачи кои на најубав можен начин го испратија нивниот миленик во пензија, a Подолски во еден момент се качи на трибината кај најверните навивачи и ги поздрави со запален факел во неговата рака. 

Фудбалерот не успеа да ги запре емоциите и се расплака пред своите обожаватели, кои исто така не останаа рамнодушни и го поздравија со громогласен аплауз и стоечки овации. Подолски ја започна кариерата во Келн и во два наврата за овој клуб постигна над 80 голови, а исто така настапуваше за Баерн Минхен, Арсенал, Интер, Висел Кобе, Галатасарај, Анталијаспор и Горник Забрже. 

Тој е воедно трет најдобар стрелец во историјата на германската репрезентација со 49 голови, а со „панцерите“ триумфираше на Светското првенство кое се одржа во 2014 година во Бразил.