ВИДЕО: Солун во транс, ПАОК го декласира Олимпијакос и побегна на врвот

Солун слави голема победа, а ПАОК од вечерва е суверен лидер во грчката Суперлига со девет бода пред најблискиот конкурент Олимпијакос. Во големото дерби од 20. коло, на „Тумба“ ПАОК лесно се справи со Олимпијакос и го совлада со 3-1 (2-0).

Избраниците на Разван Луческу уште во првиот дел ги решија дилемите околу победникот и двапати ја затресоа мрежата на голманот Са. Португалецот Виериња со ефектен гол уште во третата минута ја најави победата на „црнo-белите“, а Диего Бисесвар во 19. минута ја запечати судбината на гостите од Пиреја.

Во вториот дел двете екипи имаа свои можности, гостите најблиску до гол беа во 64. минута преку Фортунис, но Пашалакис одлично одбрани. Чуба Акпoм со ефектен гол во 82. минута зголеми на 3-0, а почесниот погодок за Олимпијакос го постигна Даниел Поденсе во 88. минута.

Со овие три бода, ПАОК сега има девет бода повеќе од Олимпијакос и граби кон првата титула првак на Грција во новиот милениум.