Солскјер се огласи по пишувањата дека Халанд е на пат за Манчестер

Ерлинг Халанд дефинитивно е најпријатното изненадување во оваа сезона на Лигата на шампионите, откако норвешкиот голгетер беше првата ѕвезда на Салцбург и групната фаза ја заврши со осум гола и една асистенција. 

Неговите одлични игри беа забележани од голем број европски гиганти кои веќе пројавија силен интерес за неговите услуги. Многу веројатно 19-годишниот Халанд ќе го напушти Салцбург уште оваа зима, а најблиску до неговиот потпис е Манчестер Јунајтед

Како што пренесуваат норвешките медиуми, младиот напаѓач утрово се упатил за Манчестер, каде треба да ги заврши преговорите со Оле Гунер Солскјер и да потпише договор со „црвените ѓаволи“. 

Но, менаџерот на Јунајтед, Оле Гунер Солскјер веднаш се огласи по утринските гласини и ги демантираше истите.

„Мислам дека тоа не е вистина. Јас не сум запознат со тоа. Мислам дека Халанд е на одмор во овој момент, а од Ставангер нема директен лет за Манчестер“, вели Норвежанецот. 

Халанд своевремено соработуваше со менаџерот на Јунајтед, откако пред две сезони заедно беа дел од тимот на Молде.