• Саше Љолес

Оле Гунар Солскјер за првпат проговори јавно за состојбите во Манчестер Јунајтед и се осврна на неколку теми што се секогаш актуелни. Норвежанецот зборуваше за неговиот престој на кормилото на „ѓаволите“, се осврна на Кристијано Роналдо, го спомена и Ерлинг Халанд, а проговори и за моменталната форма на тимот.
„Враќањето на Кристијано беше можеби погрешна одлука, но сметав дека треба да го прифатиме кај нас. Навивачите го поздравија тој потег и го пречекаа со стоечки овации. Мислам дека моравме да го вратиме, без оглед на тоа што се случи подоцна.
Имавме многу светли моменти и секогаш со неизмерно задоволство се навраќам на нив. Јунајтед е најголем клуб во светот, јас сум секогаш пресреќен кога добивам повик од таму, без разлика на поводот.
Сакавме уште пред неколку сезони да ги доведеме кај нас Ерлинг Халанд и Деклан Рајс. Зборувам за периодот пред Халанд да „експлодира“ во Салзбург и Дортмунд. Не успеавме, но ако ги доведевме тогаш, приказната можеби ќе беше и поинаква. Во моментов мислам дека тимот минува низ малку тежок период, но знам дека ќе „заздрават“ и ќе бидат посилни. Не се откажуваме никогаш, ние сме Манчестер Јунајтед“, заклучи Солскјер.
Норвежанецот е играчка легенда на најтрофејниот англиски тим и сѐ уште важи за еден од милениците на „Олд Трафорд“. Вкупно во кариерата Оле Гунар Солксјер одигра 235 натпревари во дресот на „ѓаволите“ и постигна 91 гол.