Солскјер пред нов ангажман, седнува на клупата на белгиски гигант?

Норвешкиот тренер Оле Гунар Солскјер е пред нов сериозен ангажман во кариерата, јавуваат голем дел од англиските медиуми. Поранешниот предводник на Манчестер Јунајтед е вбројан меѓу најсериозните кандидати за преземање на белгискиот гигант, Клуб Бриж.

Разговорите меѓу Солскјер и челниците на клубот веќе биле одржани и голема е веројатноста дека Норвежанецот многу наскоро ќе седне на клупата на Бриж. Солскјер во два наврата беше тренер на Молде и Кардиф, а последен ангажман му беше на клупата на „црвените ѓаволи“, кои ги предводеше нешто повеќе од две години. 

Оттогаш наваму Солскјер е без работа, но се чини дека конечно најде клуб „по мерка“ и очекувањата од тренерот сигурно ќе бидат големи, затоа што Бриж е еден од гигантите на белгискиот фудбал. Клубот неодамна го отпушти англичанецот Скот Паркер по само месец дена на кормилото на тимот, што значи дека управата на клубот не се задоволува со лоши резултати и многу бргу сака да прави драстични промени кои ќе ги задоволат сите. 

Бриж имаше одлична сезона во Лигата на шампионите, ја мина групната фаза, но испадна во осминафиналето по двомечот со Бенфика, а во белгискиот шампионат се наоѓа во очајна позиција и во моментов е на петтото место, со дури 19 бодови заостанување зад лидерот Генк. 

Наскоро се очекува официјална промоција на Оле Гунар Солскјер како нов тренер на Бриж, а Норвежанецот ќе мора да ја оправда довербата со добри резултати и кревање на тимската форма.