Солскјер пак со проблеми: За Вотфорд неизвесни дури шестмина првотимци  

Оле Гунер Солскјер, менаџерот на Манчестер Јунајтед потврди дека до крајот на април нема да може да смета на искусниот Алексис Санчез, што е само еден од многуте проблеми на норвешкиот стратег со повредени фудбалери во овој период. 

Чилеанската ѕвезда пред две седмици се здоби со незгодна повреда на коленото, а покрај него уште неколку фудбалери се неизвесни за следните предизвици на тимот. Јунајтед, овој викенд го очекува дуел со Вотфорд, потоа, по три дена и со Вулверхемптон, а Солскјер сè уште не знае на кои фудбалери ќе може да смета на овие натпревари. 

Поради повреди неизвесни се Немања Матиќ, Маркус Рашфорд, Ентони Марсијал, Лук Шо, Ромело Лукаку и Џеси Лингард, додека во тимот се враќаат Хуан Мата, Андер Херера, Ешли Јанг и Фил Џонс

„Ѓаволите“ со доаѓањето на норвешкиот менаџер значително ја подобрија својата форма, играат допадлив фудбал и заедно со Тотенхем, Арсенал и Челзи ќе се бори за последните две места кои водат во Лигата на шампионите, идната сезона.