Солскјер: Многу сум разочаран - ги посакувавме бодовите, ама тоа е реалноста

Манчестер Јунајтед доживеа изненадувачки домашен пораз од Кристал Палас, откако со 1-3 го загубија првиот меч во новата сезона од Премиер лигата. 

Менаџерот на „црвените ѓаволи“, Оле Гунар Солскјер по натпреварот беше јасно разочаран и нервозен, а тоа го призна и во изјавата. Поранешниот фудбалер на Јунајтед беше самокритичен, за себе и своите играчи.  

„Денешното издание не го гледате често од оваа група. Многу сум разочаран. Мислам дека беше јасно видливо дека сме надвор од форма и мораме да се кренеме брзо. Овие три бода беа посакувани и потребни. Иако има уште 37 натпревари до крајот, ова повикува црвени знамиња. Подготовките беа кратки, но ова е реалноста, па нема оправдување. Сите знаат дека можеме да се прикажеме во подобро светло“, изјави Оле. 

Палас поведе уште на стартот преку Таунсенд, а со двата гола на Заха стигна до победата. Во овој натпревар својот деби-гол го постигна Дони Ван де Бек, кој го одигра првиот официјален натпревар за Манчестер Јунајтед.