Солскјер: Ми падна на памет да го заменам Де Хеа со Хендерсон...

Де Хеа пенали

Оле Гунар Солскјер призна дека размислувал да го замени Давид Де Хеа со Дин Хендерсон, поради очајната статистика на Шпанецот кога се во прашање пеналите.

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед загубија во финалето против Виљареал по шутирањето на пенали. Сите беа прецизни во своите обиди, но на крај Де Хеа потфрли и стана трагичар.

„Го разгледувате секое сценарио што може да се случи. Секако дека ми падна на памет да го заменам Де Хеа со Хендерсон. Но, на крај одлучив да му ја дадам довербата на Давид.

Во пенал рулет сè може да се случи. Секогаш го бирам голманот кој ја играл цела средба. Разочарувачки е што во 120 минути не успеавме да реализираме уште некоја акција“, открива норвешкиот стратег.

Јунајтед чека на трофеј четири години. Последен пат се радуваше токму во Лига Европа, кога со Жозе Мурињо успеа да го совлада Ајакс во големото финале.