Солскјер: Физички сме поспремни, можеме до гол и во 93. минута! 

„Париз треба да ни биде мотив. Тоа не се случи одамна, а вечерва ќе атакуваме на само еден гол“, вака Оле Гунер Солскјер ја започна официјалната прес-конференција во пресрет на раванш мечот од четвртфиналето на Лигата на шампионите против Барселона. 

„Ѓаволите“ на теренот на „Камп Ноу“ ќе истрчаат со негатива од еден гол од првиот натпревар, но норвешкиот менаџер верува во квалитетите на своите момци и е уверен дека полуфиналето е достижно за Јунајтед. 

„Париз треба да ни биде мотив. Тоа не се случи одамна, а вечерва ќе атакуваме на само еден гол. Доколку не примиме ран гол ќе имаме големи шанси да се пласираме во полуфиналето. Ако во 93. минута имаме слободен удар или прекин од страна – верувам дека ќе ја натскокаме домашната одбрана и ќе запишеме ново изненадување. Физички сме поспремни од нив, можеме да играме и 120 минути, но за тоа ни треба гол и нема да се лутам доколку истиот стигне и во последната минута“, рече Оле. 

Добра вест за „ѓаволите“ е враќањето на терените на Немања Матиќ, кој вечерва ќе конкурира за настап на дуелот на „Камп Ноу“, кој започнува од 21:00 часот.