• Иван Димовски

Болоња славеше минимална, но вредна победа на гостувањето кај Пиза со 0-1 во 27. коло од Серија А и ја продолжи одличната серија во првенството.
- Извештај од натпреварот:
Иако домашниот тим создаде поконкретни шанси, особено во второто полувреме, гостите ги освоија трите бода благодарение на вистински проектил на Јенс Одгард во самиот финиш од натпреварот. Болоња имаше поголем посед на топка, но Пиза делуваше поопасно. Во првиот дел се закани Карачоло, додека кај гостите најактивен беше Сантиаго Кастро, кој двапати беше близу до погодок, но без реализација.
Во второто полувреме Пиза притисна уште посилно. Најдобрата можност ја имаше во 78. минута кога по одлична акција по десната страна и повратна топка, Пичини шутираше по земја во подалечниот агол, но Лукаш Скорупски со одлична интервенција ја сочува својата мрежа. Казната стигна во 90. минута, Одгард прими топка на околу 25 метри и со феноменален удар ја смести во аголот за победа (0-1).
Со оваа победа Болоња се искачи на осмата позиција со 39 бода, додека Пиза останува во опасната зона со 15 бода и сериозно ѝ се заканува преселба во Серија Б. Во следното коло Болоња ја пречекува Верона, а Пиза гостува кај Јувентус.










