ВИДЕО: Соиграч на Миовски даде ЕВРОГОЛ за водство, ама Абердин загуби од Сент Мирен!

Екипата на Абердин забележа уште еден неуспех во домашниот шампионат. Ако поразите против гигантите Селтик и Ренџерс во претходните две кола беа очекувани, денешниот од Сент Мирен (3-1) дополнително ја наруши атмосферата во редовите на поранешниот шкотски шампион.

Стартот на натпреварот не наговестуваше ваков расплет и нов пораз на Абердин, бидејќи момците на Џим Гудвин први стигнаа до водство, но сè пропадна во вода откако Стујард заработи црвен картон и му овозможи на домаќинот со играч повеќе да стигна до посакуваната победа.

Резултатот го отвори Кенеди со еврогол уште во деветтата минута, а по грубиот старт на горенаведениот Стујард, Сент Мирен доби пенал. Охара не го реализира, но Рос несреќно си постигна автогол.

Домашниот тим теренската надмоќ ја круниса со два нови гола. Охара се поправи за промашениот пенал и во 53. минута погоди за славје на трибините, додека конечните 3-1 ги постави Килтие во 95. минута.

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски го одигра целиот натпревар, но не успеа да го подобри својот голгетерски скор и остана на единаесетте погодоци во Премиер лигата.