Со колку пари Арсенал ќе тргне по потписот на Барди? Клаузулата со Леванте е 50 милиони

Македонскиот репрезентативец Енис Барди повторно е во центарот на вниманието на шпанската јавност, но овој пат и на британската. Бројни медиуми од Островот ја потврдија информацијата на шпанското радио „Онда серо“ дека премиерлигашот Арсенал пројавил сериозен интерес за нашиот офанзивец. 

Барди ја игра најдобрата сезона во својата кариера, а тоа го потврдува во последниот период во кој постигна два клучни гола за Леванте. Пред повеќе од една седмица погоди против Еспањол, а вчера даде супер-гол од речиси мртов-агол во победата на Леванте над Бетис од 4-2. 

Офанзивецот во Шпанија пристигна од екипата на Ујпешт за трансфер од само 1,5 милиони евра, но денешната цена за неговите услуги е драстично повисока. 

Откупната клаузула со Леванте изнесува 50 милиони евра, па сега се поставува прашањето со колкава сума на пари Арсенал ќе проба да го добие потписот на Барди. Според најавите Леванте нема да прифати ниту една понуда пониска од 20 милиони евра, што значи дека Барди ќе стане најскапоплатениот македонски фудбалер во историјата. 

Моментално на ова поле во врвот е Елиф Елмас, откако минатото лето за сума од 15 милиони евра од Фенербахче се пресели во Наполи. Покрај Арсенал за „десетката“ на Леванте се заинтересирани уште и Фиорентина и неколку екипи од Бундеслигата.  

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.