• Горан Упале
Една од најголемите легенди на светскиот фудбал и човек чие име засекогаш е поврзано со Ливерпул, Сер Кени Далглиш, соопшти дека се бори со рак и дека моментално е на терапија.
Веста за здравствената состојба на прославениот Шкотланѓанец излезе во јавноста откако ненамерно објави информација на социјалните мрежи. За да спречи понатамошни шпекулации, Далглиш потоа одлучи лично да ѝ се обрати на јавноста и да го потврди она што првично сакал да го задржи во кругот на најблиските.
Во пораката што ја објави не го загуби препознатливата смисла за хумор:
„Како што мојата ненамерна објава на социјалните мрежи навести, моментално сум на лекување од рак. За разлика од моето користење на мобилен телефон, лекувањето оди многу добро“.
Далглиш истакна дека не му била намерата информацијата за болеста да стане јавна, но дека околностите го принудиле на тоа.
„Очигледно не планирав ова да стане јавна работа, па би ценел ако се почитува мојата и приватноста на моето семејство Како и секогаш, благодарност до прекрасниот медицински персонал кој покажа неверојатна грижа и дискреција, не само кон мене, туку и кон многу други“, додаде тој.
По неговото обраќање се огласи и Ливерпул, клубот во кој Далглиш стекна статус на бесмртна легенда, и како играч и како тренер. Клубот од „Енфилд роуд“ упати апел до јавноста да ја почитува желбата на семејството за приватност за време на лекувањето.
Далглиш се смета за една од најважните фигури во историјата на Ливерпул. Во текот на децениите остави длабок белег како играч, тренер и амбасадор на клубот, поради што веста за неговата болест предизвика големо внимание и бројни пораки на поддршка низ фудбалскиот свет.
