Со 16 години испиша историја во Бундеслигата: Шест минути му беа доволни да ги одушеви сите! (ВИДЕО)

Неверојатен дебитантски настап имаше 16-годишниот Нико Илиќевиќ во дресот на Ајнтрахт Франкфурт. На младиот офанзивен играч за врска му беа потребни само шест минути на теренот за да го привлече вниманието и да испрати порака дека германскиот фудбал добива голем талент.

Илиќевиќ дебитираше во победата на Ајнтрахт над Хамбургер од 3-1, влегувајќи во игра во судиското продолжение. Со само 16 години и еден ден, тој стана најмладиот фудбалер во историјата на Бундеслигата, изедначувајќи го рекордот на Јусуфа Мукоко, кој истата возраст ја имаше при дебито за Борусија Дортмунд во 2020 година.

Но, неговиот настап не остана забележан само поради возраста. За краткото време на теренот Илиќевиќ имаше два удари кон противничкиот гол, а со одлично проигрување речиси му асистираше на Џони Буркард за четврти гол. Забележа девет контакти со топката и ги реализираше сите свои додавања.

Тренерот Ади Хитер не го криеше одушевувањето од она што го видел.

„Тоа што го покажа во тие пет-шест минути беше навистина неверојатно и повеќе од очекуваното. Сепак, не ме изненади, бидејќи истото го прави и на тренинзите“, изјави Хитер.

Илиќевиќ е внук на поранешниот хрватски репрезентативец Иво Илиќевиќ, а во Ајнтрахт пристигнал уште во 2018 година. Неговиот развој оди со забрзано темпо, па на 13 години веќе настапувал за тимот до 17 години, додека на 14 години дебитирал за селекцијата до 19 години.

Оваа сезона има четири гола и три асистенции на седум настапи за младинскиот тим до 19 години, а веќе е дел и од германската репрезентација до 17 години. Интерес за неговите услуги покажуваат и европски гиганти, меѓу кои Реал Мадрид, Барселона и Манчестер Сити. Сепак, во Франкфурт се свесни дека станува збор за фудбалер кој има само 16 години и најавуваат внимателен пристап кон неговиот понатамошен развој.