Смолинг: Со Меси си пруживме рака, нему му беше јасно дека тоа беше несреќен случај! 

Екипата на Манчестер Јунајтед повторно со пораз тргна еден двомеч во елиминационата фаза на Лигата на шампионите оваа сезона. 

По ПСЖ, на „Олд Трафорд“ поуспешен беше и тимот на Барселона, победувајќи со 0-1, но она што го одбележа дербито беше повредата на носот и окото на Лионел Меси здобиена по незгодниот удар со лакт на Крис Смолинг. 

Шпанските фанови бурно реагираа на грубата игра на англискиот дефанзивец, но тој вели дека тоа било несреќен случај и по завршувањето на мечот си пружил рака со Меси. 

„По завршувањето на мечот имав средба со Меси. Си пруживме рака, а нему му беше јасно дека тоа беше несреќен случај. Немав намера да го повредам. Честитки за играта добив и од Суарез, а тоа е податок дека ние се почитуваме меѓу себе. Тоа е добро за фудбалот“, рече Смолинг. 

Засега нема официјална потврда од редовите на Барселона за сериозноста на повредата на Меси, а сигурно е дека аргентинската ѕвезда ќе го пропушти мечот во Примера со Хуеска.