• Саше Љолес
Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) најавува промени во системот за трансфери откако Европскиот суд пресуди во корист на Французинот Ласана Диара, кој ја тужеше ФИФА за „ограничување на слободата на движење и реализација на трансфер“.
Актуелниот правилник вели дека клубовите мораат да исплатат обештетување на поранешниот клуб на играчот во моментот кога тој заминува како слободен агент и во случај кога договорот е раскинат без конкретна причина.
Диара поднесе тужба против ФИФА тврдејќи дека „го попречила слободното движење на професионални фудбалери кои сакаат да продолжат во друг клуб“, а судот пресуди во негова корист и тој сигурно ќе добие отштета за блокирањето на трансферот. Тужбата се однесува на неговиот премин од Локомотив Москва во францускиот Олимпик Марсеј во 2015 година.
ФИФА веќе најави таканаречен „глобален дијалог“ со сите релевантни фудбалски инстанци, со кои ќе дискутира за одредени промени во системот и правилникот, за ваквите ситуации повеќе да не се случуваат во иднина.