• Горан Упале

Македонскиот стратег Југослав Тренчовски сè повеќе ги оправдува очекувањата на клупата на Олимпија Љубљана, а неговата работа во последниот период не остана незабележана ниту во словенечките медиуми.
„Спорт Клуб Словенија“ објави анализа за работата на македонскиот тренер, потенцирајќи дека тој успеал да ја врати победничката менталност во тимот од Љубљана, кој во претходниот период се соочуваше со резултатска неизвесност.
„На сите им ги затвори устите, го издржа притисокот и почна да победува. Сега управата мора да го поддржи Југослав Тренчовски“, е пораката на словенечкиот медиум, кој смета дека Олимпија конечно добила тренер кој знае како да доаѓа до резултати.
Олимпија на последните три натпревари освои седум бода и повторно се приближи до врвот на табелата во словенечкото првенство. Особено значајна беше победата над најголемиот ривал Марибор во вечното дерби, со која љубљанскиот тим ја намали негативата на само два бода.
Словенечкиот медиум посебно го истакнува начинот на кој Тренчовски се справил со тешките околности. Иако неговата позиција беше неизвесна по доаѓањето на новиот спортски директор, Македонецот одговори со резултати и покажа дека знае како да ја извлече екипата од кризата.
Тренчовски и самиот отворено зборуваше за притисокот со кој се соочува еден тренер во таква ситуација.
„Доволно сум искусен, оваа работа ја работам 25 години и добро знам дека само резултатите те задржуваат на клупата. Ако се случи нешто негативно, секогаш сум подготвен, куферите ми се полуспакувани“, изјави македонскиот стратег по победата во дербито.
<<< ПОВРЗАНО - Тренчовски: Пандев ми велеше дека овие играчи може да играат само кај мене, но...
„Спорт Клуб“ нагласува дека Тренчовски во моментов не инсистира на атрактивен фудбал и на градење препознатлив стил, туку максимално ги подредил работите на резултатот. Неговиот приоритет бил да го врати карактерот на тимот, поврзаноста меѓу фудбалерите и вербата во победите.
Сега, според анализата, следниот потег е на раководството на Олимпија, кое ќе треба да му обезбеди поквалитетен играчки кадар на Тренчовски. Македонецот покажал дека може да извлече многу од моменталниот состав, но за посериозна битка за шампионската титула ќе му бидат потребни и соодветни засилувања.

