Словенците како „Комити“: На стадион ѝ ископаа гроб на управата

Навивачите не бираат начин како да го искажат револтот кога нивниот миленик губи. Некои демолираат автомобили и автобуси, некои ги бојкотираат мечевите, а некои - копаат гробови.

Тоа е случај со словенечкиот прволигаш Кршко, кој игра во очајна форма. Тимот е закован на дното, се соочува со беспарица и е близу да испадне од првенството. Револт од актуелната ситуација, навивачите покажаа со копање на гробови.

На стадионот е ископан гроб, на кој е поставен крст со буквите „Б“ и „О“, кои ги симболизираат презимињата на претседателот Зоран Омерзум и директорот Антонио Брдик. Навивачите го вперија прстот кон нив за актуелната ситуација и бараат нивна оставка. Од клубот го осудија овој потег и полицијата веќе ги бара сторителите.

Ваков потег имаше и во Македонија, во 2007 година, кога навивачите на Вардар, популарните „Комити“, решија да ископаат гроб на управата по елиминацијата од кипарски Анортозис од тогашните квалификации за УЕФА Купот.