Словачка и Австрија сонуваат изненадување, Романија и Украина ќе бијат клучна битка

Првата битка од четвртиот натпреварувачки ден на Европското првенство во Германија ќе ја имаат фудбалерите на Романија и Украина, кои од 15:00 часот ќе се сретнат на „Алијанц Арена“ во Минхен.

Двете селекции се подеднакво квалитетни, прогнозите се дека ќе се борат за третото место во групата, но не е исклучено да изненадат и да се пласираат меѓу првите две селекции, иако Белгија е апсолутен фаворит во групата.

На крајот на минатата година, кога беа извлечени паровите за групната фаза на Европското првенство во Германија, на сите им падна во очи дека Белгија е убедливо најдобрата селекција во групата Е. И по играчи и по на нивната позиција на ранг-листата на ФИФА.

„Црвените ѓаволи“ се трети на рангирањето на најдобрите светски селекции, а од 18:00 часот ќе ги одмерат силите против Словачка, која е 48-ма на ранг-листата и сосема е јасно дека кој било друг исход, освен победа на тимот од северот на Европа би била големо изненадување. Во претходните три натпреварувачки дена сите фаворити на Европското првенство во Германија остварија победи, па од таборот на Словачка веруваат дека тие можат да ја прекинат оваа серија.

Фудбалерите на Франција пред две години на Мундијалот во Катар беа поразени во финалето од Аргентина, а „галските петли“ сакаат подиум и на Европското првенство во Германија. Тие веруваат во тимот на селекторот Дидие Дешамп и сметаат дека се способни за големи нешта, а многу стручњаци, заедно со селекцијата на Англија, ги рангираат како први фаворити за освојување на пехарот.

Австрија, пак, во рамките на подготовките за Европското првенство успеа да ја совлада Србија и на тој натпревар покажа дека има квалитет, па затоа фановите на оваа репрезентација веруваат дека може да ја повторат одличната игра и против Франција и да изненадат вечерва во Дизелдорф.