• Саше Љолес
Веќе поранешниот менаџер на Ливерпул, Арне Слот, се огласи по одлуката на клубот да ја прекине соработката со него по две сезони поминати на клупата на „црвените“.
Холандскиот стратег им се заблагодари на навивачите, играчите и на сите вработени во клубот за поддршката што ја добивал во текот на својот престој на „Енфилд“.
„Беше неверојатно патување. Му благодарам на секој што беше дел од него. Ќе ги паметам овие две години со гордост и благодарност“, порача Слот во својата прва реакција по разделбата со клубот.
Ливерпул претходно официјално соопшти дека Слот ја напушта функцијата со непосреден ефект, додавајќи дека процесот за избор на негов наследник веќе е започнат. Од клубот нагласија дека одлуката била тешка, но неопходна за понатамошен развој и напредок на екипата.
Иако неговата втора сезона не ги донесе посакуваните резултати, Слот ќе остане запаметен како тренерот кој му ја донесе дваесеттата шампионска титула на Ливерпул во Премиер лигата. Раководството на клубот истакна дека неговото наследство останува значајно и дека секогаш ќе биде добредојден на „Енфилд“.
Според британските медиуми, најсериозен кандидат за негов наследник е шпанскиот тренер Андони Ираола.

