Слот: Не ни треба чудо, туку совршен натпревар против ПСЖ!

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, не го губи оптимизмот пред реваншот против ПСЖ во Лигата на шампионите, каде неговиот тим треба да надополни негатива од најмалку два гола. 

„Црвените“ прикажаа добра игра на првенствениот меч против Фулам (2-0), а Слот смета дека екипата е доволно мотивирана и посакува перфектно издание против актуелниот европски првак. 

„Не ни е потребно никакво чудо, туку совршено одиграна партија. Имаме квалитет да се носиме со ПСЖ, овој клуб сепак се вика Ливерпул. Очекувам страшна атмосфера од нашите навивачи и голем притисок од трибините. 

Нема да се откажеме и ќе се бориме до последната шанса. Полуфиналето се чини дека е далеку, но мораме да покажеме сериозен пристап. Ако не грешиме и ако сме фокусирани, на гостите од Париз нема да им биде лесно“, изјави Слот. 

Возвратниот четвртфинален натпревар помеѓу Ливерпул и ПСЖ се игра на четиринаесетти април во 21:00 часот.