• Горан Упале
Ливерпул и официјално е шампион во Премиер лигата за сезоната 2024/25, откако го почести Тотенхем со „петарда“ (5-1) и со тоа ја потврди доминацијата во најсилното клупско натпреварување во светот.
На тој начин „црвените“ ја освоија својата дваесетта шампионска титула во лулката на фудбалот и се израмнија во ова поле со најголемиот ривал Манчестер Јунајтед.
„Беше јасно дека не можеме да ја загубиме оваа средба. Сите во автобусот велеа дека нема шанси да загубиме. Неверојатно сум горд, не само на играчите, туку и на спортските директори, членовите на мојот тренерски штаб... сите заслужуваат голем аплауз. Ајде да заборавиме дека ова е вторпат во 35 години и речеме дека е вторпат во последните пет години“, рече тренерот Арне Слот на вечерта на големата прослава.
Во моменти на егзалтација, кога многумина на местото на Холанѓанецот би го оставиле своето его да попушти, првично генерално потценетиот стручњак се сети на својот претходник од Германија, кој беше миленик на фановите на Ливерпул и со кого тимот триумфираше во Премиер и Лигата на шампионите.
„Се чувствувам одлично. Сакам да му се заблагодарам на Јирген Клоп“, рече Слот, ценејќи го она што неговиот колега, освојувач на трофејот, го остави во соблекувалната, но и за вредните совети и искрените желби за успех.
По победата над Тотенхем следуваше лудо славје на „Енфилд роуд“, прво од ваков тип по пауза од 35 години, бидејќи титулата освоена со Клоп беше во корона-периодот.





